Пакистанскиот премиер го замоли Трамп да го продолжи рокот за Иран за две недели.
Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф го повика Трамп да го продолжи рокот за договорот со Иран за две недели и да побара од Иран да го отвори Ормутскиот теснец во истиот период.
Тој исто така рече дека тековните дипломатски напори се ветувачки и треба да продолжат. Напорите „имаат потенцијал да доведат до значајни резултати во блиска иднина“, напиша Шариф во објава на X.
„За да се овозможи дипломатијата да продолжи по својот пат, силно го повикувам претседателот Трамп да го продолжи рокот за две недели“.
Иран „позитивно го разгледува“ предлогот на Пакистан за продолжување на ултиматумот со отворање на теснецот. Ројтерс ја објавува информацијата, повикувајќи се на висок ирански функционер.
WHITE HOUSE: Свесни сме за предлогот на пакистанскиот премиер и ќе одговориме
Белата куќа соопшти дека претседателот Доналд Трамп е информиран за предложеното двонеделно примирје од страна на пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф , со цел да се овозможи продолжување на дипломатските преговори меѓу САД и Иран, додавајќи дека „ќе дојде одговор“.
„Претседателот е запознаен со предлогот и одговорот ќе дојде“, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, за Си-Ен-Ен.
Претседателот Доналд Трамп изјави дека САД се во „жестоки преговори“ за војната со Иран, одбивајќи да даде детали за разговорите.
„Не можам да ви кажам, бидејќи во моментов сме во жестоки преговори“, изјави Трамп за „Фокс њуз“ во кратко телефонско интервју кога беше прашан како се чувствува во врска со разговорите.
Трамп рече дека наскоро ќе биде целосно информиран за предложеното двонеделно примирје од страна на пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф – на што Белата куќа претходно за Си-Ен-Ен изјави дека „ќе дојде одговор“.
„Можам да кажам дека го познавам многу добро. Тој е многу почитуван човек, насекаде“, изјави Трамп за Фокс.
СЕ ОЧЕКУВА ДОГОВОРОТ ДА БИДЕ СКЛУЧЕН ВЕЧЕРВА
Регионален извор изјави дека „наскоро се очекуваат добри вести од двете страни“ и дека разговорите биле директно водени од началникот на пакистанската армија, фелдмаршал Асим Мунир.
Изворот додаде дека се очекува договорот да биде склучен вечерва.

