Срѓан Јанковиќ (50), кој е осомничен дека управувал со службениот автомобил на ЈКП „Водовод“ што на 26 март во Бањско поле удри во Данка Илиќ (2), а кој како и другиот осомничен Дејан Драгијевиќ (50) е во притвор до 30 дена, до сега во Вишото јавно обвинителство Заечар се бранеше со молчење. Но, сега дојде до промена во неговото размислување и се очекува наместо да молчи, сè да им каже на надлежните.
– Денеска Срѓан Јанковиќ му го откажа полномошното на својот адвокат бидејќи не сака повеќе да го брани. Очигледно е дека е незадоволен од неговите совети и начинот на кој се брани пред надлежните. Јанковиќ побарал да му биде доделен адвокат по службена должност. Ова не изненади бидејќи ретко се случува на сред рочиште осомничениот да побара смена на адвокат – соопштија од обвинителството.
Засега не се знае кој адвокат ќе му биде доделен на Јанковиќ, но ќе се одлучува до утре.
– Понатамошната постапка е таква што следува разговор на новиот адвокат со осомничениот Јанковиќ. Со оглед на текот на рочиштето, апсолутно секој адвокат ќе го советува да престане да се брани со молчење бидејќи подобро е самиот Јанковиќ да каже се што знае. Имајќи предвид дека Драгијевиќ признал дека лично го задавил девојчето со голи раце, ова автоматски го расчисти сомнежот дека Јанковиќ е директниот убиец. Тогаш, ако Срѓан Јанковиќ беше задоволен со одбраната на молкот, сигурно немаше да го отпушти својот адвокат. Убедени сме дека е прашање кога Јанковиќ доброволно ќе ја изнесе својата одбрана во обвинителството. Се надеваме дека постои можност да се дознае каде е телото на малата Данка – неофицијално се дознава од надлежните.
Доколку се оствари предвидувањето на обвинителството, се очекуваат нови моменти во истрагата откако Јанковиќ ќе ја каже својата верзија за настаните од тој кобен ден.
Да потсетиме, денеска во Вишото јавно обвинителство во Заечар, како сведоци беа сослушани Ивана и Милош Илиќ, родителите на убиеното девојче. Тие дадоа исказ во присуство на двајцата обвинети. Сведочењето на родителите беше потресно, таткото и мајката плачеа.