Земјотрес со магнитуда од 5,7 степени според Рихтер вечерва во 23 часот и 7 минути е регистриран во Босна и Херцеговина.
Потресот се почувстувал и во другите делови на Босна, Хрватска, Црна Гора и Србија, но и во Македонија и Албанија.
Според првичните информации, епицентарот на земјотресот бил на 44 километри од градот Мостар, односно на 16 километри од градот Столац, на длабочина од 5 километри.
Агенција Анадолија: Повредени три лица во Столац
Се почувствува низ целата БиХ, во Сараево, Мостар, Зеница, Требиње, Билеќа, Столац, Љубиње… Бројни граѓани на Требиње, Зеница и Сараево излегоа на улиците.
– Од силината на земјотресот сè се тресеше речиси една минута, а граѓаните кои живеат на горните катови известуваат дека работите паѓале врз нив, пренесува босански „Аваз“.
Како што јави Анадолија, според првите информации, во Столац се повредени три лица. Во тој град има прекин на струја.