Денеска во 11:00 часот почнува седницата за гласање на предлогот за недоверба на Владата, додека непосредно пред почетокот на оваа седница за медиумите се обрати пратеникот на Алтернатива, Скендер Реџепи-Зејд, каде уште еднаш нагласи дека ќе гласа за предлогот за соборување на власта.

Тој истакна дека тоа е обврска на секоја опозиција додека не дојде на власт, но дека во идна Влада за него е неприфатливо да биде заедно со „Левица“.

Зајд зборуваше и за заканите што ги добил кога излезе да се спротивстави на договорот во кој беше вклучена и „Левица“.

– Стојам на ставот дека Алтернатива, како политичка партија има своја визија и никогаш нема да дозволиме да бидеме дел од која било листа или власт во која дел ќе бидат и политички партии или партија која е и анти албанска и анти НАТО и анти ЕУ и анти Косово и анти сите современи вредности, рече Реџепи.

Тој сведочеше дека трпел и закани и дека тоа го пријавил во полиција, но и дека сам се справувал со проблемите.