Никој со сигурност не може да каже како Русија планира да излезе од војната во Украина која Москва ја започна, а во која очигледно Кремљ не може да ги постигне големите воени успеси што ги очекуваше на краток рок.

Русите можат да заглават во кал

Угледниот хрватски политички аналитичар Жарко Пуховски во изјава за босанскиот весник „Аваз“ вели дека е тешко да се навлезе во логиката на ирационалното однесување на Владимир Путин, но една од слабите точки се Молдавија и Придњестровје, како регион контролиран од проруските сепаратисти, и оваа земја која според бројот на жители има најголем број на примени бегалци од Украина, следна би можела да се најде под напад на руската армија.

– Верувам дека ќе се обидат да најдат некаков изговор за да прогласат некаков успех, а потоа и причина да ги прекинат операциите, не само поради отпорот на Украинците туку и поради тоа што досега се’ одеше на страната на Русија. Долго беше зима, земјата беше тврда, тлото замрзнато, има суша во моментов, но ако има силен дожд наскоро, ќе биде многу тешко да се движат во калта. Би можеле да се најдат во ситуација споредлива со Германија зимата 1941 година, само што наместо снег ќе имаат кал, вели професорот Пуховски.

Според тоа, веројатното сценарио, нагласува Пуховски, би можело да биде освојување на Мариупол и проширување преку Одеса до регионот Придњестровје во Молдавија.

Путин ќе добие помалку од тоа што имаше пред војната

-Тука доаѓа до израз главниот парадокс кој ја покажува ирационалноста на постапките на Путин. Со никакви воени успеси или преговори тој не може да постигне повеќе отколку што имаше пред почетокот на војната. Неколку недели пред војната, сите на Запад се плашеа и се откажаа од сите приказни дека Украина влегува во ЕУ и НАТО, па тој веќе ги имаше сите потребни гаранции. Но, ѓаволот не му даде мир, па отиде во воена операција, предизвика илјадници жртви, а сега ќе добие помалку отколку што имаше пред да започне конфликтот. Тоа е некаква казна, која не е доволна, но сепак е казна – истакнува Пуховски.