Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска потврди дека партијата веќе започнала со сериозни подготовки за претстојните локални избори, вклучително и дефинирање на коалициските стратегии и изборот на кандидатите за градоначалници.

Меѓу првите потврдени имиња е актуелниот градоначалник на општина Центар, Горан Герасимовски, кој ќе се кандидира за втор мандат.

„За двајца градоначалници сме веќе прилично сигурни дека ќе трчаат на локалните избори, и тоа се сегашните актуелни градоначалници на општина Центар, Горан Герасимовски, и на Крушево, Томе Христовски“, изјави Филипче.

Лидерот на СДСМ нагласи дека изборот на коалициски партнери ќе се базира на принципи на доверба, заемно почитување и заедничка визија за реализација на програмите на локално ниво.

„Доколку партнерот којшто го бараме за локалните избори е политички субјект со којшто ќе изградиме однос на доверба, соработка и взаемно почитување, тогаш тоа ќе биде насоката по која ќе ги дефинираме коалициите“, додаде Филипче.

Иако сè уште не е остварена средба со лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, Филипче изјави дека останува отворен за разговор и потенцијална соработка.