Ракометниот клуб Бутел во текот на вчерашниот ден ја сподели убавата вест за вметнувањето на Марко Митев во потесниот круг на играчи кои ќе конкурираат за настап на бараж финалето против Чешка, но за жал, оваа вечер пристигна една ужасна вест за претставник на овој скопски клуб.
Дел од македонските медиуми пренесоа дека еден ракометар на Бутел бил брутално претепан во раните утрински часови и со тешки телесни повреди бил пренесен во една од болниците во Скопје, но сега угледниот „Вечерњи лист“ откри дека станува збор за хрватскиот интернационалец во редовите на скопскиот клуб.
Според информациите, Денис Тот се бори за живот откако бил претепан во непознати околности, кои допрва ќе треба да бидат расветлени и образложени од полицијата од главниот град.
„Вечерњи лист“ пренесува дека состојбата на Тот е критична и дека тој бил примен на ургентно одделение со тешки телесни повреди на цело тело и повеќе фрактури, а веста ја потврдил и неговиот брат со кратка изјава.
– Родителите ми се на пат за Скопје, немаме премногу информации за тоа што точно се случило, – изјавил братот Борис за „Вечерњи лист“, кој исто така се занимава со ракомет, поточно е голман и брани за холандски клуб.