Писателката Лела Милосављевиќ на хумористичен начин ја раскажа приказната за проклетство на брачните двојки на социјалните мрежи. Што ќе се случи кога ќе потонеме во брачна монотонија и побараме забава на интернет? Има многу можни сценарија, а едно од нив е токму ова – на интернет да го пронајдеме токму она од што бегаме од дома.

Токму тоа им се случило на јунаците на приказната на Лела, еве како изгледа тоа:

– Мојот Жика и јас сме во брак 30 години. Се сакавме и почитувавме, создадовме дом, одгледавме деца. Веќе ја поминавме педесеттата и како повеќето во брак, некогаш беше убаво, некогаш мислевме дека има и поубаво. Пораснаа децата, Жика остана без работа, завладеа некоја апатија и во нашата куќа и меѓу народот. Се помалку некој ни доаѓа на кафе, а ние ретко некаде одиме. Децата си отидоа по својот пат, во потрага по работа и живот. Ние се осамивме и замолчивме.

Пред некое време Жика отворил Фејбук, пронашол другари од Војска, па некои наши стари пријатели кои отидоа во странство, па со нив малку разменува пораки и тепа време. Така јас кога ќе си дојдам од работа, ќе направам ручек и се друго и таман да почнеме да зборуваме нешто, мојот Жика гледа во телефон и не зборува, како овие денешниве деца.

Решив да ја превртам ситуацијата, па и сама направив профил на Фејсбук. Ставив слика од некоја згодна женска од реклама од весник, па додадов уште некоја на трева, на плажа, онака оддалеку, само да се наѕира фигурата. И дадов име, напишав дека живее блиску, па му пратив на Жика барање за пријателство. Ме прифати Жика за пријател, па како вистински џентлмен ми испрати порака за поздрав и добредојде. Рака на срце, Жика секогаш бил добар домаќин и сакаше гости додека ни доаѓаа.

Така јас и маж ми почнавме да се допишуваме.

Тогаш првпат слушнав дека мојот Жика сака здрав живот, сериозна музика, а вика и дека ги сака книгите, ама не стигнува да ги чита. Можам да се заколнам дека Жика сака печено месо и сарма, дека се згрозува од фитнес и снегулки, за книгите и музиката и да не зборуваме… Но добро, ја прифатив играта па му давав комплименти и му напоменав дека денеска има се помалку џентлмени. Тогаш тој детално ми опиша колку е совршен.

После неколку дена го прашувам Жика дали неговата сопруга е воодушевена што таа има таков маж, кога тој ми одговара дека неговата сопруга, среќлика, починала пред две години!

Ауу, кога го прочитав тоа ми дојде да одам во соба, каде што тој, се прави дека гледа натпревар, па малку и јас да бидам вдовица, но некако се воздржав. Кога ми раскажа како за децата сам се грижи, работи се по дома, ми падна жал за Жика што му умрев.

Кога ќе отидам на работа, Жика прво мене ми испраќаше порака, па се јавуваше и на жената, веројатно да си ја смири совеста. Рака на срце, на жената само кратко – купи леб, или одам јас на риболов.

Со мене, пак можеше постојано да си пишува. Ме прашуваи како сум спиела и што сум правела, а и како се чувствувам. Бидејќи тоа одамна никого не го интересираше, се јас тоа на Жика детално му го пишував. Кога ќе ми дојдеше да се пожалам некому одев во соба и му пишував на мажот кој седеше во дневната соба. А имаше и денови кога попладне седевме на двата краја од аголната гарнитура и се допишувавме. Мојот маж и јас. Понекогаш Жика толку ми се допаѓаше што заборавав дека со него живеам триесет години. Понекогаш ѓавол ме натера да го прашам дали покојната жена била убава.

Беше, болно напиша Жика.

Почнав да потпрашувам за покојната жена сешто, но тој вешто одбегнуваше долго да се зборува за тоа. Повеќе сакаше да пишува за мојот маж, за кого му напишав дека по цел ден гледа во телефонот и на мене не обрнува внимание. Е, него Жика го искара како што треба! Како можел да запоставува ваква жена, вели што тој би дал да не е сам и кутар. Што би дал тој за да има ваква жена покрај себе!

Поминуваат денови, а јас чекам пораки од Жика и се радувам. Почнавме да се криеме по дома кога се допишуваме. Нешто си помислив, па кој е тука луд? А не знам ни што да правам…

Дали сепак да го убијам Жика, па да му се приклучам на оној свет, или да му пуштам класична музика и да му подготвам овесна каша за ручек, кога веќе го сака тоа? Ако вака продолжиме ќе закажеме состанок, па тогаш каде. А се ми се чини дека растажениот вдовец и покојната сопруга повторно ќе се вљубат…