Косовските власти одлучија да воведат рестрикции на електрична енергија во траење од најмногу 60 дена.
Мерката предвидува ограничувања за снабдување на потрошувачите со електрична енергија и наметнување посебни обврски за енергетските компании, објави приштински „Репортери“.
Собрание на Косово ќе ја донесе конечната одлука за енергетската вонредна состојба, а таа одлука може да се однесува на дополнително продолжување на периодот на ограничување за уште 30 дена.
Одлучено е и итно да се формира техничка комисија при Министерството за економија со цел утврдување и доставување препораки до министерот за економија, јави Танјуг.
Косовската влада како причина за овие мерки ги наведе потешкотиите во енергетскиот сектор.
Премиерот Албин Курти денеска изјави дека не можат порано да купат струја и да ја избегнат енергетската криза бидејќи струјата не е, како што рече, „роба што може да се чува во фрижидер“. Тој додаде дека сите во регионот увезуваат струја.
„Енергетската криза не е само во Косово, ја има низ цела Европа, туку нас не погоди како сиромашно население и затоа се трудиме да ја ублажиме оваа состојба со субвенционирање на потрошувачката од една страна и регулирање „Блок Б2“ од друга страна. Ваквата состојба нема да може брзо да заврши, бидејќи деновиве основното оптоварување е 900 мегавати, додека максималната потрошувачка достигнува 1,4 гигавати, додека целиот производствен капацитет, а доколку проработи „Блокот Б2“, не би можел да надмине 900 мегавати производство“, рече Курти, пренесува „Косово онлајн“.
Тој повтори дека цената на струјата што се увезува во Косово е многу висока.