Познатиот украински фудбалер Андреј Шевченко за влакно се спасил при најновите руски напади. Бил во воз кога се случија нападите.
„Русија лансира 80 проектили и 24 дрона ‘камикази’ кон нашата татковина. Киев, Харков, Запорожје, Черновци, Сума, Криви Рих, Днепар. Бев во возот кога почна гранатирањето, моравме да застанеме среде поле. Неколку часа изгледаа како вечност. Едно сакам да кажам – гранати, ракети, напади, ништо нема да ги скрши Украинците. Може да ни ги земат домовите, улиците, но не и нашата храброст, достоинството и волјата за слобода. Ќе ја браниме Украина, ќе пееме во засолништата и ќе се бориме до крај. Во овој мрачен ден благодарни сме на сите, без разлика дали чувствувате грижа, љубов, емпатија, гнев, вашите емоции нека бидат донација и уште еден чекор кон нашата заедничка победа“, напиша Шевченко на својот Инстаграм-профил.
Деновиве имаше напад на Кримскиот мост, по што Русија изврши напади во 14 украински градови, каде загинаа над 11 цивили, а над 60 се повредени. Украинците тврдат дека ова нема да ги скрши. Украинското Министерство за енергетика соопшти дека ќе го прекине извозот на електрична енергија во Европската унија по руските ракетни напади врз енергетската инфраструктура.