Балканската турбо фолк ѕвезда Цеца Ражанатовиќ нема да го одржи долгонајавуваниот концерт во Аква паркот во Пробиштип, кој требаше да се случи на 21-ви август. Од организацијата информираат дека е откажан поради новонастанатата состојба со Ковид-19 и зголемениот број на заболени, како и поради новите мерки кои стапија на сила.

Веста за откажаниот настап на миленичката на македонската публика на социјалните мрежи беше дочекана со поделени реакции. Од една страна жалење, па дури и клетви поради новите мерки и ускратеното задоволство да се ужива во пеењето на фолк ѕвездата, поради кое, како што некои пишуваат, дури зеле и слободен ден од работа, а од друга страна пак, од оние кои не ја сакаат нејзината музика, благодарност до министерот за здравство, Венко Филипче, поради новите мерки, како и сатирични објави, да се прогласи ден на жалост во Македонија.

Инаку, Цеца ова лето сепак успеа да дојде во земјава. Имаше настап во локал во Охрид на 14-ти, од каде замина на летување во Црна Гора. Откажаниот концерт во Пробиштип пак, беше најавуван како голем јубилеј, 10 години од отворањето на Аква паркот, а билборди за настанот имаше во секој град. Сите кои купиле влезници, известуваат од организацијата, ќе можат да си ги вратат средствата од 19-ти август до 20-ти септември, на истите продажни места од каде ги набавиле.