Почина медицинската сестра Виолета Пејчиновска, која е мајка на младиот пливач Марко Пејчиновски од Охрид. Веста за нејзината смрт ја објавија вработените во ЈЗУ Охрид, простувајќи се од својата колешка.

Нејзиниот син Марко стана познат во јавноста откако како 12-годишно момче за прв пат го преплива Охридското Езеро во 2018 година, со некроза на ногата. Лани за празникот Голема Богородица го повтори подвигот, и како 15-годишник пливаше на релација Охрид-Струга-Охрид, во знак на поддршка на децата со ретки болести. Исто така, минатото лето тој пливаше 14 часа, од Охрид до Свети Наум. Тогаш, на својата страница напиша: – Ова пливање го посветувам на мојата мајка!

Родителите на Марко, таткото Тони и мајката Виолета, секогаш му беа безрезервна поддршка. Во 2019 година, кога момчето се обиде да преплива 64 километри на рутата Охрид-Св.Наум-Струга-Охрид за време на верскиот празник Богородица во Охрид, и го прекина ултрамаратонот поради болки во ногата, родителите се најдоа на удар на јавноста. Беа обвинувани бидејќи дозволиле детето да се впушти во исцрпувачки подвиг, кој може лошо да влијае врз неговото здравје.

Тогаш, таткото на Марко за ,,Фокус” раскажа дека тој бил под постојан лекарски надзор и ги поминал сите медицински тестови.

-Зарем на децата треба да им ги поткастриме крилјата? Да не им дозволиме да си го остварат сонот? За време на подвигот, со него имаше четири екипи на стручни лица, имаше двајца лекари, а неговата мајка, односно мојата сопруга Виолета исто така е здравствен работник, таа е искусна медицинска сестра- појасни Пејчиновски.

Тој и неговата сопруга секогаш беа покрај Марко за време на неговите пливачки подвизи, не криејќи дека безрезервно веруваат во него.