Цените на авионските билети бележат нагло зголемување поради ескалацијата на конфликтите на Блискиот Исток, а најголем удар трпат далечните дестинации – особено Бангкок.

Според информации од туристички експерти, цените за летови кон Тајланд, вклучително и Бангкок, во одредени случаи се зголемени и до 200 проценти, од 1.000 на 3.000 евра. Причината е драматичниот раст на цената на авио-горивото, како и пренасочувањето на летовите поради небезбедни воздушни коридори.

Авиокомпаниите се соочуваат со сериозни трошоци, па иако дел од нив се обидуваат да ги амортизираат со дополнителни такси, реалноста е дека долгите линии веќе стануваат луксуз за многу патници.

Најпогодени се токму азиските дестинации, каде што летовите се подолги и зависат од рути што сега се променети или продолжени, што дополнително ја крева цената.

Експертите предупредуваат дека доколку кризата продолжи, цените би можеле уште повеќе да растат, а патувањата кон популарни дестинации како Бангкок да станат значително поретки.