Со 73 гласа „за“ и 47 „против“ власта го стартува процесот на уставни измени. Иако бројката натежнува накај опцијата за внесување на Бугарите и другите во Уставот, сепак таа е недоволна за тие и да се случат.
На своја страна Ковачевски го брои целото свое мнозинство во собраниските клупи и тоа 31 пратеник на СДСМ, 13 на ДУИ, 8 на Алијанса на Албанците, по 2 пратеници од НСДП и ЛДП, 2 пратеници од турските партии, по еден пратеник Народна, ДОМ, српската партија, ДПА, партијата на пензионерите, но и Санела Шкриљај и Скендер Реџепи како независни пратеници.
На овие 65 власта ја додава и албанската опозиција и тоа Алтернатива со 3 пратеници, БЕСА со двајца, и тројката на Изет Меџити.
Гласовите против пак се составени главно од Колицијата на ВМРО-ДПМНЕ и тоа 39 од партијата на Мицкоски, 2 Социјалисти, Сиљановска како независна, Стоиљковиќ како претставник на Србите и Пренџов од ГРОМ. Лидерот тврди сите се единствени.
Против се и двајцата пратеника на Левица и Павле Трајанов, кој излезе од власта.
Но, додека власта тврди дека до крајот на процесот предомислување треба да се бара во пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, во јавноста се погласни се информациите дека сивата зона всушност е во редовите на оние кои сега се ставаат на контото “за“ уставни измени.
Јавно услов за гласање постави албанската опозиција. Јасно е дека таа ќе даде поддршка за отворање на Уставот, но неизвесно е дали ќе ги гласа амандманите доколку не помине нивниот за алабанскиот јазик. И двајцата пратеници Турци сметаат дека уставните измени во делот на составот на Комитетот на заедниците се проблематични.
Информациите на Сител се и дека еден народен избраник од СДСМ на партиското раководство му соопштил дека нема да гласа за овие уставни измени. Решението со него ќе се бара во негова оставка и замена со нов пратеник.
Маја Морачанин од ДОМ, која гласаше против францускиот предлог, сепак ќе гласа за уставните измени. Како што вели ДОМ нема проблем Бугарите или кој било друг да влезе во преамбулата на Уставот, туку проблематично во францускиот предлог е внесувањето на историски и билатерални прашања во преговорите со ЕУ. Според Морачанин, ова треба да се надмине на друг начин.