Минатата недела на граничниот премин Прешево, на пат од Виена кон Македонија, полициската служба на Србија го задржала македонскиот дипломатски службеник Миле Миленковски (чие име го открија некои медиуми), кој од неодамна извршува дипломатска служба во македонската мисија на ОБСЕ во главниот град на Австрија, објави порталот МКД.мк.

Миленковски потоа бил префрлен во Врање, каде пред неколку дена пак, е приведен и македонскиот дипломатски службеник С.С., кој дошол да се интересира за својот колега. Информациите ги потврдуваат повеќемина дипломати во македонското МНР кои велат дека станува збор за голем скандал, зад кој се тркала крими – приказна во која е инволвирана и Ерменија, а Интерпол води истрага.

МКД.мк уште пред три дена упати прашање до МНР со кое побаравме и потврда, но и објаснување за што станува збор, со оглед на фактот дека за вакви настани поврзани со дипломати, неспорно е дека земјите меѓусебно се известуваат. Нема одговор на прашањата, ниту за новата информација за приведувањето и на втор дипломат.

Добро информирани извори во МНР велат дека Србија пртактично постапила по барање на Ерменија која води постапка за случај од пред три години кога тројца наши дипломати, меѓу кои двајцата сега приведени, биле во таа земја, од каде оптатувале со приватен авионски лет, а во авионот се наоѓал и еден висок претставник на претходната ерменска власт гонет за проневера на големи суми на пари. Името на Миле Миленковски кој со автомобил од Виена патувал за Скопје, се појавило во регистерот на барани лица преку Интерпол.

На почетокот од минатата година Секторот за меѓународна полициска соработка упатил барање до Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР за проверка на податоците поврзани со тројцата дипломати, Миле Миленковски, С.С. (сега во пензија) и В.С. (кои биле во Ерменија, н.з.), а Бирото за јавна безбедност упатило барање за известување до Министерството за надворешни работи. Од МНР се барале конкретни податоци, дали станува збор за дипломати, дали имаат дипломатски пасоши…

Добро информирани извори велат дека по ова постапување случајот се заташкува и дека е можно актуелниот министер Бујар Османи, кој во тоа време бил на друга функција, да не бил информиран, имајќи предвид дека годинава со негов потпис, Миленковски беше упатен како дипломат во македонската Мисија на ОБСЕ. Поконкретно, директорот на Директорот за организациони работи во МНР можеби самоволно, не го документирал интересот на МВР за тројцата дипломати и со тоа веројатно од врвот на Министерството била сокриена содржината на бараните податоци, односно, дописот од посебната служба на МВР, што само по себе е алармантно кога станува збор за дипломатија.

Извори во МНР велат дека тројцата дипломати, кои поседувале дипломатски пасоши, пред неколку години формирале невладина организација за лица со посебни потреби. По наговор на извесен Б.Д., заедно со него со приватен авион отпатувале во Ерменија, наводно за учество на конференција. Од Ерменија Б.Д. не се вратил со авионот, а на неговото мето патувал спомнатиот претставник на претходната власт во Ерменија, наводно со лажен пасош, кого го барала ерменската полиција заради проневера на пари. Случајот е откриен кога ерменските власти го уапсиле фалсификаторот на пасошот со кој политичарот избегал. Била отворена и истрага од страна на Интерпол поради што биле известени македонските служби.

Целиот текст можете да го прочитате на МКД.мк