Во петокот, во сопствениот дом во скопската населба Мичурин е пронајден починат братот на претседателот Стево Пендаровски, Војче. По тој повод, од Кабинетот на претседателот испратија соопштение со следната содржина:
– Увид на лице место на 27.08. 2021 беше извршен од страна на екипа на Министерството за внатрешни работи, лекар од итна медицинска помош и надлежен јавен обвинител. При тоа, не се утврдени никакви знаци на насилство. Погребот е спроведен во кругот на најблиските роднини и пријатели со почитување на Ковид протоколите, се вели во соопштението.
„Слободен печат“ дознава детали за случајот кој иако се случил минатата недела, вчера излезе во јавност. Имено, случајот до надлежната полициска станица во населба Мичурин го пријавил припадник на обезбедувањето на претседателот Стево Пендаровски. Според МВР тој пријавил дека лицето неколку дена е недостапно за контакт, по што полициски службеници и Итна медицинска помош влегле во станот со физичко отворање на цилиндерот на бравата, имајќи предвид дека починатиот живеел сам.
-Смртта на констатирал лекар од Итната медицинска помош, а според првичната проценка таа настанала 2 до 3 дена пред денот на пријавување на 27 август. Известен е јавен обвинител по чија наредба телото е предадено на семејството за погреб, информираат од МВР.
Братот на претседателот бил вработен во Агенцијата за разузнавање, која е под контрола на шефот на државата.