Следен и последен неработен ден за сите граѓани е 8 декември (понеделник) – што е и последен продолжен викенд годинава.
Свети Климент Охридски е најдаровитиот ученик на рамноапостолните сесловенски браќа Кирил и Методиј. Живеел во втората половина на IX век и првата четвртина на X век, кога е и значајна фигура во христијанството и просветителството. Тој бил создател на првиот словенски универзитет – Охридската книжевна школа. Вршел чуда за време на земниот живот, а се верува дека неговите мошти и во денешно време пројавуваат исцелителна сила.
Тој развил и богата книжевна дејност. Автор е на многу поучни и похвални слова како похвалата на Кирил Филозоф, похвалата на пророкот Захариј и св. Јован Крстител, за Кирил и Методиј, Јован Крстител, Михаил и Гаврил. Бил и првиот словенски епископ со титула епископ велички. Нему му се припишува авторството на опширните житија на св. Кирил и Методиј познати како Панонски легенди, најзначајниот извор за проучувањето на животот и делото на солунските браќа.
Се претпоставува дека Св. Климент е роден околу 830/840 година. Починал на 27 јули според стариот односно на 9 август според новиот календар во Охрид. Денес многу цркви, институции, училишта и здруженија го носат Кириловото име, а меѓу нив најрепрезентативни се Националната и универзитетска библиотека и Соборниот храм во Скопје, Универзитетот во Битола. Во негова чест се доделува и државната награда за особени остварувања во воспитанието, образованието, културата, науката и здравството.

