Хана Хамар (27), ветеринарна техничарка, одлучила целосно да го промени својот живот – дала отказ, ги спакувала работите и се преселила на Исланд, земја која со години се смета за најмирна и најбезбедна во светот. Но, по само седум месеци живот таму, таа решила да се врати дома.

Одлуката за преселба ја донела откако Исланд, според Глобалниот индекс на мир за 2025 година, повторно бил прогласен за најмирна земја на планетата. Оваа титула ја задржува со години благодарение на високото ниво на безбедност, отсуството на внатрешни конфликти и ниската милитаризација.

Тргнала во потрага по семејните корени

Хана на својот YouTube канал раскажала дека почувствувала силна желба да се пресели на Исланд и да ги истражи корените на своето семејство.

„Мајка ми е од Исланд, а во Австралија се преселила дури во триесеттите години. Таа буквално познава половина од земјата“, раскажува Хана.

Со оглед на тоа што Исланд има околу 300.000 жители, не било реткост на улица да сретне луѓе кои ја познавале нејзината мајка. Благодарение на семејните врски, таа успеала да обезбеди работа уште пред да пристигне во земјата.

„Времето на Исланд не простува“

Иако ја опишува земјата како неверојатна и уникатна, животот таму носел и сериозни предизвици.

Во текот на седумте месеци престој, таа искусила и лето и зима, но најголем шок за неа биле честите временски предупредувања. На Исланд постојат портокалови и црвени аларми за екстремни временски услови, кои жителите ги сфаќаат многу сериозно.

„Мора да бидете многу внимателни за да останете безбедни. Ако времето е лошо, едноставно не возите – затоа што времето таму не простува“, објаснила таа, додавајќи дека доживеала неколку вакви предупредувања.

Еден од најстрашните моменти бил кога летала со авион токму за време на такво предупредување, што го опишала како едно од најстрашните искуства во животот.

Осаменост и проблеми со спиењето

Сепак, главната причина поради која решила да се врати дома не било времето, туку темните зимски денови и проблемите со спиењето.

Во текот на зимата, дневната светлина на Исланд е многу кратка, што сериозно влијаело на нејзиното расположение и здравје.

„Најголемата причина поради која решив да се вратам беше спиењето. Се борев со несоница и немав луѓе околу мене кои би ми помогнале да создадам рутина“, признала Хана.

Таа додала дека осаменоста и недостатокот од сон почнале психички да ја исцрпуваат, до тој степен што едвај се терала да оди на работа.

„Многу е тешко да останете позитивни кога сте во постојана темнина и не сте спиеле доволно“, заклучила таа.