Хаваи претворено во пекол. Најмалку 36 лица загинаа, а десетици се повредени во катастрофалните пожари кои ги зафатија овие рајски острови. Огнот брзо се ширеше пред се на островот Мауи. Целосно е уништен историскиот град Лахаина омилен на туристите.

Луѓе влегувале во океанот за да избегаат од огнот. Од крајбрежната стража биле спасени десетина лица. Повеќе стотици семејства останаа без покрив над главата. Западниот дел од островот нема струја ниту телефонски врски, а од туристите се бара побргу да си заминат.

За брзото ширење на пламените јазици според властите виновен е ураганот Дора. Претседателот Џо Бајден вети помош во евакуацијата и во справувањето со пожарите во оваа Сојузна американска држава.

– Фактот дека имаме шумски пожари во повеќе области кои индиректно се припишуваат на ураган, е без преседан. Тоа е нешто што жителите на Хаваи и државата не го доживеале“, изјави заменик-гувернерката Силвија Лук.