Судијата на претходна постапка на Основниот суд во Кочани им одреди куќен притвор на двајца даночни инспектори од Управата за јавни приходи во Штип, вклучени во истрагата поврзана со клубот „Пулс“. Мерки на претпазливост се изречени и за шест осомничени, додека едно лице доби дополнителни ограничувања.

Според Обвинителството, инспекторите ја злоупотребиле службената положба откривајќи информации за ненајавени инспекции, за кои се осомничени за примање мито. Одговорното лице од „Пулс“ е обвинето за поткуп. Седум даночни инспектори од Штип и Струмица се осомничени дека им овозможиле на објектите „Пулс“ и „ММММ Кафе“ да избегнат фискална контрола. Сопственикот на „Пулс“, кој веќе е во притвор, е осомничен и за фалсификување документи, додека инспектор од Пазарниот инспекторат – за давање службени тајни.

Основното јавно обвинителство Кочани најави дека ќе ја обжали одлуката на Основниот кривичен суд Кочани кој им одреди куќен притвор на двајца од осомничените кои беа приведени во рамки на акцијата поврзана со трагедијата во кочанското т.н. кабаре „Пулс“. За овие две лица ОЈО Кочани бараше ефективен, а не куќен притвор.