Ненад Периш, татко на исчезнатиот спличанец Матеј Периш се уште е во Белград и денеска зборуваше за ТВ Прва. Тој рече дека му било кажано дека потрагата продолжува, но дека за жал, нема нови информации.

„Јас сум лаик, но гледам дека се работи и потрагата трае. За жал, се уште нема информации што сите ги очекуваме“, рече тој.

Тој зборуваше и за снимките на Матеј направени во Белград.

„Јас сум родител, размислувам за се од сто страни. Ме интересира само вистината. Она што знам дека е вистина, познавајќи го син ми, тој некаде, според она што го видов, излегол од клубот и сакал да оди некаде. Не бега. Како што гледам на снимката, не е дека не знаел каде трча, туку гледал каде оди“, изјави Ненад Периш.

Тој зборуваше и за пријателите на Матеј кои биле со него во Белград.

„Тие се депресивни затоа што го загубија привремено, нивниот другар од прво одделение основно училиште“, рече тој.

Таткото на исчезнатиот млад човек изјави дека тој не заминува од Белград.

„А каде да одам, каде да одам. Го чекам Матеј и сигурен сум дека МВР на Србија ќе направи се за да стигнеме до Матеј, сите да се собереме. Божиќ е, треба надеж“, рече тој и им се заблагодари на сите луѓе и на полицајците кои учествуваат во потрагата.