Почина актерката Сабина Ајрула Тозија на 75-годишна возраст. Таа беше маркантен лик на македонската и меѓународната театарска и филмска сцена.
Посветеноста кон секоја ролја, без разлика од обемот на работа, естетската специфика при градењето на ликот, ефикасноста на совладување и на најтешките актерски задачи, создаваат од Сабина Ајрула актерка која ја сакаат и соработниците и публиката. Во своето долгогодишно искуство соработувала со повеќето реномирани македонски и странски режисери.
Позначајни улоги на Ајрула-Тозија се: Олга („Чехов“); Гертруда („Хамлет“); Фатима („Солунски патрдии“); Лисијен („Болва во уво“); Костадинка („Јане Задрогаз“);
Џеси („Добра ноќ мајко“); Лаура („Татко“); Лени („Злостори на срцето“) и други.
Како гостин учествувала во проекти на Турската драма и на Драмата на МНТ.
Освен на театарските сцени, активно партиципира во телевизиските и филмски продукции. Од позначајните треба да се евидентираат: Време без војна (игран филм, 1969), Итрата вдовица (ТВ филм, 1969), Ветер во кутивче кибрит (ТВ филм, 1970), Жед (игран филм, 1971), Јад (игран филм, 1975), Исправи се Делфина (игран филм,1977), Оловна бригада,(игран филм,1980), Време, води (игран филм, 1980), Црвениот коњ (игран филм, 1981), Јужна патека (игран филм, 1982), Полноќно сонце(краткометражен игран филм, 1982), Јазол (игран филм, 1985),Тетовирање (игран филм, 1991), Ангели на отпад (игран филм, 1995),Контакт (игран филм, 2005), Сенки (игран филм, 2007). Играла и во телевизиските серии Илинден (1982), На наш начин (1985), Солунски патрдии (1986), Трето доба (1987), Салон Хармони (1998). Освен во македонска, игра во телевизиски серијали и од турската продукција, како што е нејзиното учество во познатата серија Сулејман Величенствениот (2011-2014).