Во задарската општа болница потврдено е дека на 7 ноември, 22-годишна жена од Горњи Врховина починала на Одделот за интензивна нега откако била донесена од болницата во Госпиќ каде го родила четвртото дете. Од болницата во Задар засега не сакале да зборуваат за околностите на смртта на жената, јавува Слободна Далмација.
– Ова е деликатна ситуација – изјави за Задарски.хр д-р Еди Каруц, заменик директор на Општата болница во Задар.
Жената починала по компликации при породување во болницата во Госпиќ.
Портпаролката на полициското одделение Лика-Сењ, Маја Брозичевиќ изјави дека на 7 ноември од болницата во Госпиќ добиле пријава дека маж се заканувал на лекар.
– Педесет и двегодишен маж од Врховина преку трето лице се заканувал на лекар, но лекарот одбил да покрене кривично гонење – изјави Брозичевиќ.
Мажот му се заканувал на доктор Дарко Милиновиќ, поранешниот министер за здравство, кој работи во таа болница на Одделот за гинекологија, а дали бил на породувањето засега не се знае.
Направена е хистеректомија поради крварење
Според 24 часа.хр, терминот на породување на жената бил 22 ноември, но на 7 ноември била примена во болница поради болки, каде што починала по породувањето.
Директорката на Општата болница Госпиќ, Сандра Чубелиќ за Јутарњи лист потврди дека 22-годишна родилка итно била пренесена од нивната установа во ОБ Задар, каде починала.
– Тоа беше четврто раѓање на починатата мајка. При породувањето дошло до компликација во вид на обилно крварење кое не можело да се запре. Направена е итна хистеректомија, заменета крв и плазма – вели д-р Чубелиќ и додава дека по краткотрајна стабилизација жената итно била пренесена во ОБ Задар во придружба на анестезиолошки тим.
– Со колегите во Задар договоривме се, но за жал, и покрај нивните напори, родилката почина – вели директорот Чубалиќ.
Бебето родено здраво
Тој објаснува дека се работи за ретка компликација која се јавува кај едно од 5.000 раѓања.
– Можам да кажам дека немаше грешка во лекувањето, туку несакан настан, односно компликација – наведува тој. Во целата трагедија, вели Чубелиќ, новороденчето кое се уште е во болница е здраво.
Инаку, според неофицијални информации, семејството на починатата мајка после се дошло во болницата Госпиќ каде му се заканувале на гинекологот, поранешниот министер Дарко Милиновиќ. Според извештаите, откако биле откриени компликации, Милиновиќ дошол да им помогне на своите колеги.