Утрово околу 06:20 часот во Гевгелија, кај Касарната, полицаец застрелал мигрант. Инцидентот се случил по обидот на еден од криумчарите на мигрантите да му го одземе пиштолот. Мигрантот починал.
„Од страна на полициски службеници биле забележани патничко моторно возило „мерцедес“, управувано од К.Ј. (26) и патничко моторно возило „форд фокус“, управувано од С.Б. (51), двајцата од Скопје, во кои илегално се превезувале мигранти.
Возилата биле запрени од страна на полициски службеници, по што возачите и мигрантите се обиделе да избегаат, а при тоа К.Ј. физички нападнал полициски службеник, обидувајќи се да му го одземе пиштолот.
Притоа, полицискиот службеник испукал од службениот пиштол и погодил еден од мигрантите, кој веднаш бил пренесен со полициско возило во објектот на Итна медицинска помош за укажување лекарска помош каде починал, информираше Александра Трајанова од СВР Струмица.
За настанот бил известен јавен обвинител и Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди за расчистување на случајот.
На местото бил извршен увид од ОЈО Гевгелија и по расчистување на случајот ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.