На денешен ден, 24-ти демекври 2007 година пред кафеаната “Деспина” во скопската населба Мичурин беше убиен Владимир Дамчевски (26) од демирхисарското село Сопотница, кој беше припадник на единицата “Тигри”. Трагедијата се случи на предновогодишна прослава.
Што тогаш извести МВР за инцидентот?
На 24.12.2007 год. околу 00,35 часот, на ул.„Анастас Митрев“ поточно пред ноќен бар „Деспина“, С.М.( 25) од Скопје, со неколку истрели од огнено оружје- пиштол го лишил од живот Дамчевски Владимир (27) од Демир Хисар, инаку припадник на Единицата за специјални задачи во МВР на РМ.
На убиството му претходела вербална расправија која прераснала во тепачка помеѓу осомничениот С.М., неговиот брат Б.М.(35), А.Т.(25) од Скопје и Н.Н.(27) од Велес од една страна (Б.М. и Н.Н. се вработени во Единицата за брзо распоредување во МВР на РМ) и С.Н.(29), Д.Т.(36) двајцата од Скопје и Владимир Дамчевски (26) од Демир Хисар од друга страна (двајцата, освен Д.Т., се припадници на Единица за специјални задачи).
Имено, на горенаведеното време и место, најпрвин дошло до расправија внатре во кафеаната, што продолжила во ходникот а потоа и надвор на улицата при што во еден момент од страна на С.М. биле испукани неколку истрели од пиштол во правец на Владимир како резултат на што бил усмртен на лице место. Освен него во тепачката повреден бил и Б.М. во вид на тешка телесна повреда на главата (сеуште е неутврдено дали повредата е резултат од испукан проектил или употреба на тврд предмет). Веднаш по инцидентот тој е префрлен во Ургентниот центар каде му е укажана лекарска помош и според информации од клиничкиот центар се наоѓа вон животна опасност.
По настанот беа известени Заменик Јавен Обвинител и Дежурен Истражен Судија, како и Увидната екипа при СВР-Скопје, кои излегоа на лице место и извршија увид. По наредба на ЗЈО и ДИС телото на починатиот Дамчевски е пренесено во Инситутот за судска медицина за обдукција.
Од местото на настанот подигнати се траги од крв, чаури, фрагменти од проектил, четири пиштоли марка „Глок„ 9мм., комплет крв, ракавици за барутен тест и предмети за крим техничка обработка, кои ќе бидат предадени за вештачење во ОКТ при МВР на РМ.
По утврдувањето на сите детали околу инцидентот, од страна на МВР ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави против инволвираните.
Кој го уби Владимир Дамчевски?
– Скопјанецот Сашо Максимовиќ (24), осомничен за убиството на полицискиот специјалец Владимир Дамчевски (27), е во 30-дневен притвор што му го одреди истражен судија од Основниот суд Скопје 1. Против него е поднесена кривична пријава за убиство. Истражен судија им одредил и 8-дневен притвор на учесниците во тепачката во која настрада полицаецот, полицајците Славе Неделковски (29) од Скопје, припадник на „тигрите“ и Александар Тројанов (25) од Единицата за брзо распоредување, како и на велешанецот Николче Најдовски (27). Тројцата се пријавени за учество во тепачка. Во тепачката тешко бил повреден скопјанецот Бобан Максимовиќ (35), полицаец од ЕБР, брат на осомничениот. Истрагата се’ уште не утврдила од што бил повреден Максимовиќ. На крвавиот инцидент му претходела расправија во „Деспина“ поради недоличното однесување на браќата Максимовиќ. На тоа се спротивставил сосопственикот на кафеаната, Неделковски, по што почнала тепачката, пишуваше тогаш весникот Дневник на 26-ти декември 2007 година.
За убиството првообвинета беше Савка Максимовиќ
– За убиството кое се случи во декември 2007 година првообвинета е Савка Максимовиќ, која се товари за убиство, одека со обвинението се опфатени И нејзиниот сопруг Бобан И деверот Сашо Максимовиќ кои одговараат за учество во тепачка. За истото дело на обвинителна клупа се и припадниците на специјалните единици на полицијата Александар Тројанов и Николче Најдовски. Судењето се однесува за крвавиот настан кој се случил на 24 декември пред две години на прослава по повод новогодишните празници во кафеаната Деспина во скопски Мичурин. Прославата заврши трагично по специјалецот Владимир Дамчевски. Вечерта настанала расправија помеѓу гостите, а пресметката промеѓу славениците продолжила надвор пред локалот. Во турканицата помеѓу двете група на припадник од тигрите, Славчо Неделковски, му испаднал пиштол, кој според судските списи го дофатила Максимовиќ и од него истрелала неколку куршуми. Судот досега распраша и сведоци, а Маскимовиќ беше подложена на психијатриско вештачење, објави весникот вечер во септември 2009 година.