По неколкудневна интензивна потрага, пронајдено е безживотното тело на 34-годишниот нуркач кој исчезна за време на нуркање во морската област кај Лиманакија, во Вулијагмени, Грција.

Според информациите, станува збор за искусен нуркач, кој нуркал заедно со уште едно лице. Неговиот пријател успеал да излезе на површина и веднаш ги алармирал надлежните служби, стравувајќи дека 34-годишникот останал заглавен во подводна пештера.

Телото било лоцирано во таканареченото „Ѓаволско бунарче“ – подводен простор со длабочина од околу 28 метри, познат по опасните струи и сложената геоморфологија, што ја отежнува секоја спасувачка операција.

Во акцијата учествувале припадници на крајбрежната служба, специјализирани нуркачи и спасувачки екипи, а операцијата била исклучително тешка поради условите под вода.

Причините за несреќата сè уште се утврдуваат.

„Ѓаволскиот бунар“ е подводен бунар со тунел, опасни струи и темнина, каде што исчезнаа тројца Американци во 1978 година.