Демократскиот сенатор Кори Букер предупреди дека неактивноста на американскиот Конгрес во ограничувањето на овластувањата на претседателот Доналд Трамп може да отвори пат за нова воена операција – овој пат против Куба.

Во изјава за CNN, Букер истакна дека доколку Конгресот продолжи да молчи, тоа практично ќе значи „зелено светло“ за Трамп да продолжи со воени интервенции во други држави.

„Ако дозволиме ова да продолжи, всушност му даваме дозвола на Трамп да каже дека завршил со Венецуела, бил во Иран, а сега оди на Куба – а потоа можеби и во Северна Кореја“, предупреди Букер.

Според него, ваквиот развој на настаните може дополнително да ја дестабилизира глобалната безбедност и да доведе до нови меѓународни тензии.

Изјавата на сенаторот доаѓа во момент кога растат стравувањата од ескалација на конфликти во повеќе делови од светот, особено по најновите воени операции и закани за проширување на конфликтите.

Букер нагласи дека Конгресот мора поактивно да ја контролира надворешната политика и воените одлуки на администрацијата, со цел да се спречат нови воени конфликти кои би можеле да имаат сериозни последици на глобално ниво.