По примањето на Светиот Дух апостолите се растуриле по светот за да ја проповедаат светата Христова вера. На тој план меѓу нив најповеќе се истакнале светите апостоли Петар и Павле. На иконите, светите апостоли Петар и Павле се претставени заедно, Петар со клучеви од рајот, а Павле со меч, симбол на сопствената смрт.

Именден празнуваат: Петар (Камен, Каменко), Петре, Петра, Петранка, Петруна. Следниот ден празнуваат: Павле, Пајо, Павлина… Според некои народни верувања Петар и Павле се иста личност, според други, пак, тие биле браќа.

Во народното верување Петар бил богат и сербес (кабадахија), а Павле сиромав и праведлив. Меѓутоа, како што е познато Петар не бил брат на Павле туку на Андреј, наречен Првоповикан затоа што бил првиот Христов ученик. Светиот апостол Петар е роден во селото (според други мало гратче) Витсаида на брегот на Галилејското Езеро. Потекнувал од рибарско семејство и еднаш кога ловеле риби на езерото ги видел Исус и ги повикал по што Петар заедно со брат му Андреј го напуштиле рибарскиот занает и му се придружиле.

Така од ловци на риби станале ловци на човечки души. Првото име му било Симон, а кога Исуса го признал за син Божји, овој го нарекол Петар, што значи камен (карпа). Со тоа Исус сакал да каже дека својата црква ќе ја изгради врз верата на Петар што била цврста како камен. Како верен Христов ученик Петар бил со својот учител во многу прилики во кои не биле другите апостоли како на пр. при преобразувањето (Преображение), при воскреснувањето на Јаировата ќерка и сл. Петар предложил да биде избран нов апостол на местото на Јуда кој по предавството се обесил. Со коцка бил избран Матеј и со тоа бројот на Христовите апостоли пак станал дванаесет. Исто така, по слегувањето на Светиот Дух врз апостолите кога овие се исполниле со него и започнале да зборуваат на разни јазици, а народот помислил дека се пијани, Петар одржал впечатлива беседа кажувајќи дека тие не се пијани туку дека се исполнети со Светиот Дух.

По оваа беседа Петар ги повикал присутните да ја примат Христовата вера и само во тој ден се крстиле околу 3000 луѓе. Затоа што бил силен поборник и пропагатор на Христовата вера Петар бил трн во очите на еврејските свештеници, кои чекале погодна прилика да му се одмаздат. Еднаш на стари денови Петар дошол во Рим. Тогаш таму владеел Нерон, голем безбожник и тиранин, противник на христијанството, а христијаните ги фрлал во арените со лавови.

Тој и апостол Петар го осудил на смрт, но кога сакале да го погубат со распнување Петар ги замолил да не го прават тоа зашто не е достоен да умре како својот учител Исус Христос, туку да го распнат со главата надолу. Егзекуторите така и направиле и на 12 јули (или 29 јуни според стариот календар) во 61 год., светиот апостол Петар во големи страдања го завршил животот. Во близината на Рим, истиот ден исечен од противниците на христијанството е и светиот апостол Павле. Затоа Светата христијанска црква споменот на овие двајца апостоли го празнува во ист ден. Светиот апостол Павле особено е значаен за нас Македонците. Своето прво патување надвор од Азија тој го направил во Македонија. Тоа започнало во 51, а завршило во 54 година.

При своите патувања апостолот Павле организирал нови христијански општини, а старите ги утврдувал во новата вера. Во книгата „Дела на светите апостоли од светиот апостол Лука“ што е дел од Светото писмо се истакнува дека кога светиот апостол Павле се наоѓал во Тријада една ноќ имал видение: „…стоеше пред него еден човек Македонец, кој го молеше и му велеше: ʼПремини во Македонија и помогни ни!ʼ По тоа видение веднаш посакавме да тргнеме за Македонија, бидејќи разбравме дека Господ нè повикал таму да го проповедаме Евенгелието.“ (Дела 16-9,10) Како што стои во ова сведоштво една богобојазлива жена од градот Тиатир по име Лидија прва се покрстила заедно со своите домашни, а потоа ги поканила апостолот и неговите соработници во нејзиниот дом. „Ако сте ме признале за верна на Господа, тогаш влезете и живејте во мојата куќа!“ им рекла таа.

Потоа и многу други жители на овој град биле покрстени со што се родила првата христијанска општина во Европа. Ете затоа може да се рече дека Македонија е вратата низ која христијанството влегло во Европа. Во Македонија тоа ги совладувало првите тешкотии, се судрувало со старите пагански обичаи и верувања. Тука се добиени и првите битки во походот кон Европа и светот. На иконите, светите апостоли Петар и Павле се претставени заедно, Петар со клучеви од рајот, а Павле со меч, симбол на сопствената смрт. И двајцата држат отворени книги.

На празникот му претходи Петровденскиот пост чија должина зависи од празникот Велигден. Имено, овој пост, еден од четирите повеќедневни пости во текот на годината, започнува од првата недела по Духовден, а бидејќи овој празник е со непостојан датум и зависи од Велигден така и Петровденскиот пост трае различно. Петровден повеќе се смета за црковен празник, постарите луѓе одат во црквата, а кој постел во Петровденскиот пост се причестува. На овој ден може и да се работи зашто е во време на најголемата жетва, а според верувањето дури и светецот (св. Петар) тој ден земал срп и жнеел.

Некој го држат празник само до пладне, а попладне работат. Во Галичник Петровден се сметал за голем празник, тогаш иделе печалбарите и тогаш се правеле и свадбите. Останало забележано дека некогаш во еден ден имало 50 свадби, а удирањето на тапаните се слушало дури во Албанија.