Неверојатен настан е снимен од камера за надзор во Кина кога електрично возило BYD било три пати удрено од гром.

И покрај силата на ударот, батеријата и електричниот мотор останале недопрени, и најважно од сè, возачот поминал без повреди, пишува CarExpert.

Инцидентот се случил на 6 август на станица за одмор во градот Беихај, покраината Гуангси. Снимките од камерите од блиските возила покажуваат како гром постојано удира во покривот на теренецот Song Plus EV, кинеската верзија на Sealion 6. Иако ударите биле директни и имало кратки блесоци на оган под автомобилот, сопственикот останал безбеден во возилото.

Експертите објаснуваат дека модерната конструкција на возилото придонесува за безбедноста на возачот, благодарение на што патничкиот простор функционира како Фарадеев кафез. Затоа автомобилот е побезбедно место за време на грмотевици отколку да се биде на отворено.

Сопственикот останал во автомобилот по ударот и побарал помош, што е во согласност со препораките на надлежните служби. Во тој момент, функцијата за автоматско исклучување била активирана за дополнителна заштита.

Минимална штета

Техничкиот преглед покажал дека батеријата, електронските контроли и електричниот мотор не претрпеле никаква штета или знаци на краток спој. Единствената видлива штета биле мали траги на надворешноста на каросеријата.

Генералниот директор за односи со јавноста на BYD, Ли Јунфеи, исто така се огласи, пофалувајќи ја издржливоста на електричниот SUV на кинеската социјална мрежа Weibo. „Нашиот Song PLUS EV преживеа три удари од гром и сопственикот е безбеден и здрав, со сите три компоненти (батерија, мотор и електронска контрола) на автомобилот недопрени!“, рече Ли Јунфеи.