Во текот на следната недела Комисијата за заразни болести ќе расправа дали граѓаните вакцинирани со две дози против корона вирусот ќе бидат ослободени од задолжителното носење маска во затворен и отворен простор.

Сепак, министерот Филипче оценува дека е сè уште рано оние кои се вакцинирани да ги симнат маските. Според него, сè додека бројот на вакцинирани не биде голем, оваа мерка не би им служела добро на граѓаните.

Во меѓувреме, процесот на вакцинација е во тек. До понеделник ќе бидат вакцинирани сите кои се пријавиле на веб-страницата вакцинација.мк заклучно со 30 април.

Со пристигнувањето на 40.000 дози вакцина Астра&Зенека, 24 илјади ќе бидат искористени за ревакцинација, а други 10 илјади за граѓани над 70 години кои аплицирале преку Интернет.

Околу 100.000 дози Синофарм се очекува да пристигнат како донација од кинеската војска во сабота. Досега вакцинирани се околу 150.000 граѓани, од кои околу 30.000 со две дози. Над 330.000 се пријавени за вакцинација.