Откако Лионел Меси пристигна во Пари Сен Жермен, рози не му цветаат од игри на теренот, а сега за него пристигнаа дополнителни лоши вести.
Легендарниот Аргентинец е позитивен на корона вирусот, а за околу половина час се појави истата вест за легендарниот Бразилец Роналдо!
Во неделата наутро, ПСЖ потврди дека Меси добил позитивен резултат на тестот на Ковид-19 и е еден од четворицата играчи кои сега ќе мора да бидат ставени во карантин.
Меси беше позитивен заедно со Хуан Бернат, Серхио Рико и Нејтан Битумазало, а ниту еден од четворицата нема да патува на натпреварот од Купот на Франција, кој ПСЖ го очекува в понеделник против Ван.
За Аргентинецот серијата лоши вести продолжува и откако пристигна во Париз, бидејќи оваа сезона трпи бројни критики поради неговите игри во францускиот шампионат. На 11 натпревари постигна само еден гол, додека во Лигата на шампионите беше на вообичаеното ниво – пет пати ја затресе мрежата на пет натпревари.
Набргу по потврдувањето на позитивниот наод на Меси, истото се случи и со Луис Назарио да Лима. Крузеиро, клуб кој Роналдо неодамна го купи, на социјалните мрежи објави дека славниот Бразилец е позитивен на корона вирусот.
Поради тоа мораше да ги одложи обврските кои ги имаше во својство на претседател на клубот. Роналдо е добро и чувствува благи симптоми, соопшти Крузеиро.