Марко Арнаутовиќ излезе со две извинувања во текот на вчерашниот ден и се покаја за провокативната прослава на последниот гол на средбата меѓу Австрија и Македонија, но со самото свое излагање на социјалните мрежи, отвори многу сомнежи бидејќи се правдаше дека не е расист.

Напаѓачот на Австрија во дадениот момент го провоцираше Езџан Алиоски кој покажа спортска професионалност и многу брзо го надмина и заборави недоразбирањето, но како што стојат работите, таков нема да биде случајот со УЕФА.

Македонската Фудбалска Федерација вчера побара голема казна за Арнаутовиќ и испрати жалба до Европската фудбалска унија, која сега ќе треба да направи детална истрага за инцидентот кој се случи при крајот на натпреварот.

Австријците ова утро пренесуваа дека УЕФА сепак нема да преземе никаква активност против големата ѕвезда во тимот на Фода, но угледниот новинар на „Би-Би-Си“ ова попладне излезе со ексклузивна информација која оди контра најавите на австриските медиуми.

Симон Стоун тврди дека УЕФА отворила истрага против Арнаутовиќ за инцидентот кој го предизвика во самата завршница од средбата во Букурешт, а од македонската Федерација се надеваат дека напаѓачот ќе добие голема казна за употребениот речник.