Од Врховниот суд веќе донеле одлука за случајот „Диво Насеље“, односно пресекле дали ја потврдуваат второстепената пресуда или пак ја укинуваат. Сепак, од таму не откриваат каква е одлуката, туку информираат дека истата писмено се изработува. Доколку пресудата биде укината, тогаш предметот ќе се врати од почеток, односно судењето ќе стартува одново.
-Ве известуваме дека предметите во Врховниот суд на Република Северна Македонија „Диво Насеље“ се одлучени и се во постапка на писмена изработка на одлуките, изјавија од Врховниот суд за „Фокус“.
На прашањето пак дали барањата за меѓународна истрага на косовските власти, но и условувањето на Африм Гаши, повторно да се разгледа овој предмет, како еден од условите да влезе во Владата, го чувствуваат како притисок, од Врховниот суд велат дека независноста на судовите меѓу кои и на Врховниот суд е неопходен аспект на зачувување на принципот на владеење на правото.
-Нужноста и неопходноста од постоење на независен и непристрасен судски систем е облигаторно за остварување на делотворна заштита на слободите и правата на граѓаните загарантирани со Уставот, законите и ратификуваните меѓународни договори.
Оттука, многу е важно воспоставување на рамнотежа помеѓу судската и извршната власт во државата, незасегајќи притоа во остварување на принципот на владеење на правото, ни одговорија од Врховниот суд.
Оттаму додаваат дека заштитата на независноста и непристрасноста на судството е и мора да претставува централен фактор во процесот на одлучување на судовите во решавањето на предметите, меѓу кои и погоре наведениот.
Актуелните барања на македонските политичари и на косовските власти, не смее да ја засени одговорноста за зачувување на независноста и непристрасноста на судството, за постапување во согласност со законите, како и со меѓународните инструменти и стандарди, што секако наметнува обврска и на сите институции, како и на општеството во целина. Министрите, политичарите, како и медиумите имаат важна улога во зачувување на независноста и непристрасноста на судството и на принципот на владеење на правото, што претставува неопходен предуслов за зачувување на довербата на јавноста во судството, велат од судот.
Според правосилната пресуда, повеќето обвинети беа осудените на доживотен затвор, за терористичкиот напад во кумановско Диво Насеље, 13 обвинети добија казна од 40 години затвор, 20 години петмина обвинети, две години помалку доби еден обвинет, а по двајца обвинети добија казна затвор од 14, 13 и 12 години.
Четворица од обвинетите, пак добија и ослободителна пресуда бидејќи обвинителството не доставило доволно докази.
Во терористичкиот напад во Куманово во 2015 година беа убиени осум припадници на МВР, а четириесетина беа повредени.