Никола Радосављевиќ (тогаш 3 години9), кој на 27-ми јули 2007 година го изврши масакрот во источното српско село Јабуковац, близу Неготин, каде што уби девет соседи, бил душевно болен човек, кој сметал дека фрлиле црна магија врз него.
Сметал дека тештата фрлила црна магија врз него
Пред масакрот Радосављевиќ се жалел дека не му е добро, дека тешко дише и сметал дека мајката на сопругата на неговиот брат Аника Чогиќ фрлила магија врз него. Тој порано бил лекуван од душевни болести, а бил лекуван во Белград, како и во Виена, каде што работел.
На денот на масакрот, Радосављевиќ првин ја претепал сопругата Јелена и се фрлил во бунарот во неговата куќа, но соседот Драгослав Баџикиќ му помогнал да се спаси. Радосављевиќ пошол по пушката, зборувал за некаков пожар и му рекол на Баџикиќ да бега, бидејќи ќе го убие.
По неколку закани, Баџикиќ побегнал. Радосављевиќ почнал да оди кон куќата на Чогиќ, вооружен со ловечката пушка и со реденик муниција и пукал во сите што ќе ги види.
Дошол до куќата на семејството Ѓорѓевиќ, каде што низ отвор во оградата пукал во Вељко Ѓорѓевиќ (58), неговиот син Драган (22) и бабата Марина Кучкуречиќ (70) и ги убил на самото место. Сања Ѓорѓевиќ (19), која не била дома во време на нападот, единствена останала жива од ова семејство.
Набргу потоа, Радосављевиќ во дворот на нивната куќа ги убил сопружниците Бранислав (58) и Драгиња (55) Борунџиќ, кои неодамна се вратиле од Германија, каде што работеле. Нивниот син Драган со четиригодишниот син и сопругата биле внатре во куќата и така се спасиле.
Масакрот на Радосављевиќ продолжил на истата улица, каде што педесетина метри подолу во нивната куќа Радосављевиќ ја убил својата најмлада жртва Срѓан Бајкиќ (15) и тешко го ранил неговиот татко Синиша, а потоа го убил и минувачот Бранислав Бадаљевиќ (22).
Во близината, Радосављевиќ ја убил и Персида Банковиќ (36), додека жената пружала алишта на терасата на својот дом. Едно момче се обидело да разговара со убиецот, кој му рекол да бега бидејќи ќе го убие. Патем запрел постара жена, која на влашки ја прашал дали се разбира во црни магии. Откако жената одговорила одречно, Радосављевиќ ја поштедил.
Масакрот завршил кога ја застрелал Аника Чогиќ
Кога дошол до куќата на Аника Чогиќ, ја застрелал, со што завршил масакрот. Радосављевиќ се упатил кон гробиштата, каде што неговите мајка и татко, кои се уште се живи, си кренале споменици и подготвиле гроб. Таму, Радосављевиќ по неколку часа криење од полициските потери се обидел да се убие пукајќи си во стомакот, но бил откриен од полициските специјалци, кои го однеле во болница.
– Подобро да се убиеше. Што да им кажам на внуците? Тие веќе знаат што сторил татко им. Што да правам сега со нив? – изјавил Петар Радосављевиќ (70), татко на убиецот, за весникот „Блиц“.
Под силни седативи
Масакрот, кој и понатаму предизвикува гнев во јавноста, се случи на 27 јули 2007 година, а Никола беше снимен во затворската болница неколку месеци подоцна. Очигледно бил под силни седативи, па тешко одговарал на новинарски прашања.
Ви го пренесуваме разговорот во оригинална форма:
Новинар: Ви пречи ако ве снимаме?
Никола: Немам ништо против.
Новинар: Се сеќавате ли што се случи летово?
Никола: Се сеќавам.
Новинар: Како беше?
Никола: Не беше … Тешко беше … убив седум луѓе.
Новинар: Дали ви е жал што се случи?
Никола: Жал ми е, жал ми е… Ми доаѓа да плачам за луѓето што ги убив, ни криви, ни виновни (почнува да плаче). Убив сосед со кој убаво живеев …
Новинар: А што ако нема црна магија? Дали сте размислувале за тоа?
Никола: Има црна магија. Сигурен сум. Колку пати сум платил на (неразбирливо зборува) … Колку пари фрлив … Дадов 7.000 евра за црната магија да се симне.
Новинар: Како ја прават таа магија?
Никола: Не знам како го прават тоа. Но, во нашето село има жени … Собираат црни мачки и кучиња и им ги вадат очите. И работат со тоа, но не знам како работат. Тоа беше црна магија.
Новинар: Дали сега е готово? Нема повеќе магија?
Никола: Нема повеќе, бидејќи ја убив… (неразбирливо зборува). Можеби ќерката веќе нема да може да го прави тоа.
Новинар: А не ви е жал што ја убивте?
Никола: Не ми е жал за неа.