Шпанија би можела да стане првата земја во Европа која на жените ќе им обезбедува менструално отсуство секој месец. Закон за решавање на ова прашање ќе се разгледува следната недела.
Од владата на оваа земја очекуваат законодавниот дом да го прифати овој предлог за кој рекоа дека е со цел заштита на репродуктивното здравје на жените.
Се предлага работничките да имаат најмалку три дена менструално отсуство секој месец. Постои можност тоа да биде минимум пет дена во зависност од здравствената состојба за која станува збор.
Отсуството поради менструација постои во мал број земји, вклучувајќи ги Јапонија, Тајван, Индонезија, Јужна Кореја и Замбија. Според Шпанското здружение за гинекологија и акушерство, две третини од жените имаат болка позната како дисменореа за време на менструалниот циклус. Симптомите вклучуваат акутна абдоминална болка, дијареа, главоболка и треска.
Менструалното отсуство од работа е предлог на левичарската влада. Некои стравуваат дека тоа ќе ги обесхрабри работодавците да вработуваат жени. За Кристина Антонанцас од еден од водечките синдикати, овој предлог претставува стигматизација на жените. Таа смета дека ова прашање може да се реши на поинаков начин и рече дека жените на работното место мора да бидат третирани исто како и мажите.
Сепак, министерката за економија Надија Калвино не смета дека ова е стигматизација на жените, пренесува Euronews.