Ким Ин-Хук, одбојкар на јужнокорејскиот тим Самсунг Фајр, почина на 27-годишна возраст.

Официјален претставник на Самсунг Фајр во петокот изјави дека одбојкарот е пронајден мртов во неговата куќа. Полицијата ги истражува причините за смртта.

Роден во 1995 година, Ким Ин-Хук беше избран за трет пик во вториот круг на драфтот во 2017 година од страна на Кореа Електрик Пауер корпорацијата.

Потоа, во ноември 2020 година, тој се пресели во Самсунг Фајр.

Хук, кој се бореше со повреди, одигра само два натпревари во сезоната 2021-2022, а остана дома на лекување од декември минатата година.

Тој минатата година се пожали на „болка предизвикана од злонамерни коментари“ преку социјална мрежа.

Минатиот август, Ким Ин Хук објави на својот профил:

– Мислев дека недоразбирањата и игнорирањето што ги слушав повеќе од десет години се одговор, но уморен сум. Ве молам престанете со злонамерните коментари кои ме мачат со години. Тешко е да се поднесе.

Според објавената фотографија коментарите биле: „Зошто се шминкаш? Тоа е голем притисок?”,”Зошто ги отвори очите?”,како и разни навреди и други груби зборови.