Рамзан Кадиров, водачот на руската провинција Чеченија и сојузник на рускиот претседател Владимир Путин, во саботата изјави дека чеченските борци се распоредени во Украина и побара од Украинците да ја соборат нивната влада.

Во видеото објавено на Интернет, Кадиров рече дека чеченските војници досега немаат претрпено никакви загуби, додавајќи дека руските сили лесно можат да ги окупираат големите украински градови, но дека нивната задача е да избегнат жртви.

Путин, исто така, побара од Украинците во петокот да се кренат против неговата влада, која според него е составена од „неонацисти“.

Во петокот на социјалните мрежи се појавија неколку видеа на кои се гледа како чеченските борци во Грозни се подготвуваат да заминат за Украина.

Чеченија порано војуваше со Русија, но сега е под контрола на режимот на Путин.

12.000 чеченски војници подготвени да ги извршат наредбите на Путин

Кадиров во канал на Телеграм рече дека 12.000 борци се подготвени да „извршат задачи од секаква сложеност по наредба на врховниот командант на вооружените сили на Руската Федерација, претседателот на Руската Федерација Владимир Путин“.

Според Кадиров, тие „сакаат“ да одат во Украина.

Кадиров ја коментираше и ситуацијата во Украина: „Таму се засолниле многу терористи“ кои „ги убиле нашите браќа, сестри, жени, деца и постари лица, а потоа избегале од одговорноста во Европа“.

Шефот на Чеченија рече дека чеченските борци ќе поминат низ најлошите точки на Украина како одговор на предизвикот што им го поставуваат националистите. „Го уништивме тероризмот во регионот“, напиша Рамзан Кадиров. „Сигурен сум дека во наредните денови ќе го прославиме ослободувањето на мултимилионското население на Украина од насилство и убиства.

Тој лично му се обрати и на „сеуште претседателот на Украина Зеленски“: му предложи да му се јави на Владимир Путин и да побара од него прошка.

„Направете го тоа за зачувување на Украина и нејзиниот народ, прифатете ги сите услови што ги бара Русија. Ова ќе биде вистинскиот чекор за да си го спасите лицето“, го повика чеченскиот лидер претседателот на Украина.