Руските вооружени сили се блиску до најголемата нуклеарна централа во Украина, соопшти во понеделникот Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), повторувајќи ја „силната загриженост“ на петтиот ден од војната.

Шесте реактори на електраната Запорожје (на исток) засега се „безбедни“, според информациите добиени од агенцијата на ОН, која редовно е информирана од украинските власти за ситуацијата на теренот.

Руските сили „оперираат во близина на електраната“, но сè уште не ја окупирале, додава МААЕ.

Главниот извршен директор на агенцијата Рафаел Гроси уште еднаш предупреди на „секоја акција што може да ја загрози безбедноста“ на нуклеарните централи во земјата.

Во среда во Виена, во седиштето на агенцијата, треба да се одржи состанок на Бордот на гувернери на кој ќе се разговара за „реалната опасност“ на која се изложени нуклеарните централи поради конфликтот.

Украина има четири нуклеарни централи во функција кои обезбедуваат околу половина од нејзините потреби за електрична енергија и повеќе локации за депонирање на радиоактивен отпад, вклучувајќи го и Чернобил, каде што во 1986 година се случи најлошата нуклеарна катастрофа во историјата.

МААЕ во неделата објави два инциденти на депонии, од кои едниот беше погоден со ракета во Киев. „Не добивме никакви информации за оштетување на зградата или радијација“, соопшти агенцијата на ОН.