Орлов: Гранатирањето на НЕ „Запорожје“ утринава престана, ситуацијата и натаму е тешка

Дмитро Орлов, градоначалникот на украинскиот град Енергодар, во близина на кој се наоѓа нуклеарната централа Запорожје, утринава изјави дека ситуацијата во нуклеарната централа се уште е тешка, иако гранатирањето престана.

Орлов на Фејсбук напиша дека ситуацијата се уште е тешка, но дека пожарот во нуклеарниот комплекс е изгаснат.

Тој соопшти дека „Енергодар“ синоќа останал без греење поради оштетување на топлинскиот цевковод при гранатирањето, а сега се разгледува можноста повторно да се стави во функција.

Претходно, украинските власти соопштија дека руската армија синоќа со тешко оружје пукала кон нуклеарната централа и дека имало пожар во зградата на центарот за обука. Се наведува дека изгорела и зградата на лабораторијата.

Интерфакс Украина наведува дека од шесте блока во нуклеарната централа, во моментов само еден работи.

Електраната била преземена од руската армија по гаснењето на пожарот.

Русија е нуклеарен терорист, вели Зеленски

Украинските служби за итни случаи соопштија дека утрово го изгаснале пожарот во најголемата нуклеарна централа во Европа. Киев тврди дека руските сили гранатирале и дека се одговорни за пожарот.

„Во 06:20 часот е изгаснат пожарот во зградата за обука на АЕЦ Запорожје во Енергодар. Нема жртви“, соопштија украинските служби за итни случаи.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Москва дека спроведува „нуклеарен терор“ и дека сака да ја „повтори“ катастрофата во Чернобил, по гранатирањето на нуклеарната централа во централна Украина, среде руската инвазија.

„Ќе го предупредиме светот дека ниту една земја освен Русија никогаш не пукала во нуклеарни централи. Ова е првпат во нашата историја, првпат во историјата на човештвото. Оваа терористичка држава сега врши нуклеарен терор“, нагласи тој во видео порака.

Украинскиот нуклеарен регулатор не откри „никаква промена“ во нивото на радиоактивност во електраната Запорожје, каде што избувна пожар по руското гранатирање, соопшти Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).

„Украинскиот регулатор ја извести МААЕ дека не е забележана промена во нивото на радиоактивност во електраната Запорожје“, објави агенцијата на Твитер.

Британскиот премиер Борис Џонсон нагласи дека руското гранатирање на нуклеарна централа во југоисточниот украински град Запорожје може „директно да ја загрози безбедноста на цела Европа“.

Во телефонскиот разговор со украинскиот претседател Зеленски, Џонсон вети дека ќе побара итен состанок на Советот за безбедност на ОН во обид за прекин на огнот. Даунинг стрит ситуацијата во Запорожје ја нарече „исклучително загрижувачка“.

Украинска служба за итни случаи: Радијацијата е во границите на нормалата

– Украинската државна служба за итни случаи известува дека условите за безбедност од радијација и пожар во нуклеарната централа Запорожје се „во граници на нормалата“.

„Од 02:26 часот во градот Енергодар во АЕЦ Запорожје, третиот блок е исклучен од единствениот енергетски систем (работи само блок 4). Од шесте блока моментално работи еден.

Условите за безбедност од радијација и пожар во нуклеарната централа се во нормални граници.

Агенцијата соопшти дека избувнал пожар во зградата за обука пред НПП, но Гардијан не можел да ги потврди наводите.