Русија доцна вечерва објави дека утре (вторник) ќе стапи на сила прекинот на огнот во неколку украински градови за евакуација на цивили преку хуманитарни коридори.

„Руската Федерација најавува прекин на огнот од 10 часот (по московско време) на 8 март“, за евакуација на цивили од Киев, како и од други градови.

Станува збор за градовите Суми, Харков, Чернихив и Мариупол, се вели во соопштението на руското Министерство за одбрана задолжено за хуманитарните операции во Украина, пренесено од руските новински агенции.

Завршена третата рунда преговори меѓу Русија и Украина

Третата рунда преговори меѓу делегациите на Русија и Украина заврши вечерва во регионот Брест, во Белорусија, соопшти руската Амбасада во Минск.

„Заврши третиот круг руско-украински преговори во Белорусија“, соопшти амбасадата на својот канал Телеграм.

Членот на украинската делегација во преговорите Михаило Подољак, веднаш по завршувањето на новата рунда во видео објкава на Твитер кажа дека има мало позитивно поместување на преговарачките позиици.

„Заврши третата рунда преговори. Има мали позитивни поместувања за подобрувањето на логистиката на хуманитарните коридори… Продолжија интензивните консултации за основниот политички блок на регулативи, заедно со прекинот на огнот и безбедносните гаранции“, пренесе Подољак.

Разговорите траеја речиси три часа.