Претставник на американската одбрана изјави за новинарите дека украинската војска направила голем напредок со истиснувањето на руската армија на линијата на фронтот источно од Киев.

Според тврдењата на американскиот функционер, Русите сега се на околу 55 километри од украинскиот главен град Киев.

Да потсетиме, вчера руските војници беа на околу 25-30 километри од главниот град на Украина.

Истиот функционер додаде дека Русите остануваат на оддалеченост од 15-20 километри од Киев на северозапад. Оваа вест ја пренесе и Карла Баб (Carla Babb), новинарка на „Гласот на Америка“.

Украинците се подготвени да ги опколат руските сили во Буча и во Ирпин

– Според најновата разузнавачка процена на британското Министерство за одбрана украинските сили го зголемуваат притисокот врз руските војници североисточно од Киев.

– Украина продолжува да извршува успешни контранапади против Русите надвор од главниот град, се наведува во извештајот.

Исто така се посочува дека украинските сили најверојатно ќе ја вратат контролата врз градовите Макарив и Мошун.

– Постои реална можност украинските сили сега да можат да ги опколат руските единици во Буча и во Ирпин, соопшти британското Министерството за одбрана.

Според британските воени претставници руските трупи североисточно од Киев се соочуваат со значителни проблеми со снабдувањето и моралот.

– Успешните контранапади на Украина најверојатно ќе ја нарушат способноста на руските сили да се реорганизираат и да продолжат со офанзивата врз Киев, се истакнува во извештајот.

И Пентагон претходно соопшти дека украинската армија ги потиснаа руските сили и сега линијата на фронтот е на околу 55 километри источно од центарот на Киев.

Висок американски претставник на брифинг во Пентагон истакна дека тоа е зголемување од 25 до 35 километри во споредба со вчерашната линија на фронтот.

Според него северозападно од центарот на Киев, руските сили „заземаат одбранбени позиции“. Тие остануваат на 15 до 20 километри од центарот на Киев на северозапад.

Тој посочи дека руските сили се поактивни во регионот на Донбас, источна Украина.