Се чини дека се отстранети сомнежите за вистинскиот идентитет на снајперистката со воено име „Багира“, која пред неколку дена беше заробена од украинската армија, пишува Дејли мејл.

Зад военото име „Багира“ стои 41-годишната Ирина Старикова од Доњецк, мајка на две ќерки Валерија (11) и Јулија (9). Старикова се омажила за белоруски војник Александар, познат како Горинич. Двојката се запознала во близина на селото Шастија во Луганск во источна Украина.

За разлика од некои претходни тврдења, Старикова претходно не била калуѓерка. Таа го зела своето воено име по ликот на црниот пантер од „Книгата за џунглата“ на Раџард Киплинг.

Објавени се и нови фотографии од Старикова на кои се гледа како таа го поминувала времето меѓу битките во кои учествувала.

Украинците тврдат дека Старикова била пронајдена на бојното поле во Украина и дека била ранета. Таа наводно рекла дека руските соборци ја оставиле на бојното поле откако констатирале дека е ранета.

– Знаеја дека сум повредена и имаа шанса да ме земат со себе. Сепак, само ме оставија, надевајќи се дека ќе умрам. Ме оставија, рекла снајперистката за која се верува дека убила најмалку 40 луѓе, меѓу кои и цивили, според украинските медиуми.

Нејзината судбина сега ќе ја решаваат Украинците. Секој што убива мирни луѓе може да очекува одмазда, соопшти украинската војска. Засега, пак, не се знае што се случило со Старикова.

📷

📷

📷

📷

📷