Никој во земјите од поранешна Југославија, дури и додека живеевме во заедничка држава, не го постигна успехот на убавата Никица Мариновиќ од Дубровник, која беше прогласена за прва придружничка на изборот за Мис на светот во 1966 година во Лондон. Животот на оваа убава Хрватка личеше на бајка, но по холивудските заплети, заврши како во античка трагедија.
Никица на изборот на најубавата жена на светот ќе се најде сосем случајно. Имено, женскиот неделник „Базар“ во тоа време ги има преземено правата за изборот за Мис на Југославија, а бидејќи главната и одговорна уредничка не беше задоволна од пријавените кандидатки, ќе одлучи сама да тргне во потрага по анонимни убавици.
Во потрагата ќе наиде на Никица Мариновиќ, тогаш сеуште малолетна средношколка, која ќе има тешка задача да ги убеди своите конзервативни родители да ѝ дозволат да ја покаже својата убавина на цела Југославија.
Никица и самата е срамежлива, па ќе се двоуми долго време дали треба да се појави во дводелен костим за капење, но на крајот сепак ќе попушти на силното инсистирање на тогашните сопственици на лиценцата за Мис на светот.
Во Лондон ја пречекуваат како божица – таа е првата мисица од земјите на социјалистичкиот блок и е пријатно изненадување за тамошната јавност. Сите очекуваат жена со груб изглед, можеби дури и машки, но Никица беше олицетворение на дама и ангелска убавина.
И денес се шпекулира дека титулата ѝ избегала само затоа што потекнува од комунистичка земја, а наводно публиката ја дочекала одлуката со очигледно незадоволство дека Никица не е победничка.
Откако ја освои планетата со својата убавина, Никица се сели во Белград. Интересно, таа го одбива познатиот режисер Роберто Роселини кој и нуди улога во неговиот филм, но таа тогаш смета дека не е подготвена за бруталната холивудска индустрија.
Во главниот град на Србија, оваа млада дама ќе се заљуби во писателот и режисер Вук Вуч, а оваа љубов беше крунисана со бракот и раѓањето на нејзиниот син Џорџе. Меѓутоа, по помалку од пет години, следи развод, но на оваа фатална жена додворувачи никогаш не и недостасувале…
Така наскоро во нејзиниот живот се појави познатиот режисер Здравко Шотра, на кого таа исто така му го кажа судбоносното да, и парот го добива синот Марко. Овој брак исто така не преживува – пропаста следеше во 1980 година.
“Јас не се вљубив првично во првата придружничка на Мис на светот, па да ја повикам на снимање – се вљубив за време на снимањето. Луѓето околу мене беа aпсолутно љубоморни на Никица. Ми кажуваа сенешто… Имено, тешко е да се зачува интимноста на уметнички брак, а неколкутемина кои успеаја, значи дека овие луѓе имале доволно памет. Јас го немав и многу ми е жал поради тоа“, изјави Шотра своевремено.
По два разводи, Никица се повлекува од јавниот живот и ќе се посвети на својот бизнис – мал бутик во Кнез Михаилова, кој ќе биде многу популарен, многумина доаѓаат само да ја видат неа. Но нејзиното име потоа се споменува сè помалку, и во еден момент ќе и се загуби секаква трага и ќе се појават тажни гласини – дека е во тешка депресија, дека често посетува психијатар и дека останала без пари.
Наводно живеела многу осамено и ги прекинала сите контакти, дури и со нејзините најблиски пријатели, а оние што остануваат со неа тврдат дека е многу несреќна и дека ужасно ѝ недостига Дубровник, особено за време на војната.
Дека ова е навистина точно, сведочи и една од нејзините последни колумни објавена во списанието „Време“, која таа ја посветува на својот роден град, а можеби реченицата “Живеење и копнеж по Дубровник, тоа сум јас!“ најдобро зборува за тоа како се чувствувала.
Во ноември 2008 година, Никица одлучува да застане на патот на нејзината агонија – зема смртоносна доза апчиња за спиење, без проштално писмо или порака. Имаше 61 година.