Голманот на еквадорскиот клуб Барселона Гвајакил, Хустин Корнехо, им подлегна на повредите кои ги здоби од пад во туш кабина.
Корнехо имаше само 20 години. Лекарите три дена се бореа за неговиот живот, но не успеаја да го спасат.
Несреќата Корнехо ја доживеал ноќта меѓу неделата и понеделникот кога младиот Еквадорец се лизнал додека се туширал. Паднал и силно ја удрил главата, а иако брзо го нашле и го префрлиле во болница, веќе било доцна. Паднал во кома и било утврдено дека нема мозочна активност, па веднаш му објасниле на семејството дека има мали шанси да преживее. За жал, Корнехо денеска почина во болница.
„Нема вистински зборови кои можат да ја објаснат болката што ја чувствуваме во овој момент. Споменот кој остана зад нас ќе ни даде сила да го поминеме ова заедно. Хустин, засекогаш ќе бидеш во нашите срца. Почивај во мир пријателе. Те сакаме многу“, стои во соопштението на Барселона.
Корнехо требаше да игра доцна вечерва во натпревар од осминафиналето на Копа Судамерикана (Јужноамериканска Лига Европа) против бразилскиот Брагантино. Барселона поднесе барање за одложување на натпреварот.