Двајца македонски туристи се удавиле во морето кај Спиле во Албанија. Како што објави „Топ Ченел“, се работи за граѓани на Битола – Р. Дамковски (77 години) и Ц. Митановски (79), кои шест години по ред летувале во истото место.
Албанските медиуми јавуваат дека двајцата биле блиски пријатели кои на албанскиот брег дошле заедно со група од 52 туристи за да уживаат на албанскиот брег. По ручекот, тројца од нив влегле во вода, а само еден успеал да излезе.
„Околу 11:25 часот на плажата Спиле, двајца македонски државјани се удавија. Според првичните сознанија, причина се големите бранови и срцев удар. Станува збор за М.М (79) и Ц.М.(78)“, стои во полициското соопштение.
Генералниот секретар на албанската федерација на спасувачи на вода, Гент Ласаку, за „Њуз 24“ изјавил дека двајцата туристи се капеле на јавна плажа и биле дел од туристичка група од Македонија.
„На двајцата туристи им беше направена срцева масажа, но не беше можно тие да се вратат во живот. Набљудувачот интервенирал кога најпрво видел едно од телата. Но, кога влегол понатаму во морето, ги видел двете тела. Причината за давењето е срцев застој. И двајцата се мажи. Изразувам сочувство до нивните семејства“, рече Ласаку.