Телото на италијанската манекенка Памела Џенини (29), која беше убиена минатата година во Милано од својот поранешен партнер, било осквернавено на гробиштата во провинцијата Бергамо.

Според италијанските медиуми, кога работници дошле да го преместат ковчегот во семејна гробница, забележале дека нешто не е во ред – завртките биле олабавени, а на рабовите имало нанесено силикон. Кога го отвориле ковчегот, затекнале шокантна глетка – телото било без глава.

Надлежното обвинителство во Бергамо отворило истрага поради сомнение за сквернавење на тело и кражба на делови од него. За вакви дела е предвидена затворска казна од две до седум години, која може да биде и повисока ако делото е сторено на гробишта.

Памела Џенини била убиена во октомври минатата година во својот стан во Милано, откако решила да ја прекине врската со својот значително постар партнер. Тој насилно упаднал во нејзиниот дом и ја избодел повеќепати со нож.

Истрагата покажала дека врската била исполнета со насилство и закани. Осомничениот претходно ја малтретирал, ја следел и ѝ се заканувал, а таа неколку пати го пријавувала во полиција.

По убиството, напаѓачот се обидел да изврши самоубиство, но преживеал.

Случајот предизвика големо внимание во Италија, особено поради новиот морбиден развој – сквернавењето на нејзиното тело, за што сега се води посебна истрага.