Две лица загинаа во тешка сообраќајна несреќа што се случи во четврток вечерта на главниот пат Дервента – Брод во Република Српска.

Според медиумите од Република Српска животот го загубиле свештеникот Ненад Митриќ и неговата сопруга Неделка Митриќ.

Нивните три деца биле во автомобилот со нив и биле однесени во болница, но се надвор од животна опасност.

Несреќата се случила кога се судриле товарен камион и автомобил „Опел Корса“, во кој се наоѓале свештеникот , неговата сопруга и децата.

Како што може да се види на фотографијата од сообраќајната несреќа, предниот дел од автомобилот во кој биле свештеникот и неговата сопруга бил целосно уништен.

Поради несреќата, како што соопшти синоќа Автомобилскиот сојуз на Република Српска, сообраќајот на тој дел од патот бил запрен, а полицијата спроведе истрага.