„Ми изгоре цело семејство”, изјави член на семејството Јахи од Скопје-Север кој во трагедијата во Бугарија изгуби 10 члена заедно со членови на семејство Мухаџери со кои се во роднинска врска.
Од семејството изјавија дека нивните роднини заминале на туристичко патување во Истанбул, и како што велат заминале на „пат за да не се вратат никогаш”.
„Слободен печат“ дознава дека и една мајка учителка Фикрије Исени (1982 год) во основното училиште во Студеничани, Скопје заедно со нејзината ќерка (Аниса) која е малолетна починале во несреќата. Од ова населено место има починати уште двајца други.
Наставата во ОУ „Исмаил Ќемали“ во Чаир е прекината зашто шестмина од починатите деца во трагедијата што се случи во Бугарија се од тоа училиште. Како што дознава „Слободен печат“ од извори на терен, учениците се вознемирени, плачат и неможно е да се одвива наставата.