Во трагедијата што се случи во Бугарија загинаа 6 ученици од ОУ „Исмаил Ќемаили“, објави телевизија Алсат. Тие биле на патување со своите семејства.
Според информации на Алсат, основното училиште „Исмаил Ќемаили“ веќе ја прекинало наставата.
Членови на семејствата на загинатите со часови бараат да стапат во контакт со сопствениот на компанијата Беса транс за да добијат информации за трагедијата во Бугарија во која загинаа 46 лица од Македонија.
„Мојот братучед беше во Турција. Вртевме по телефони во Беса Транс, цело време се јавуваме … веќе, 3-4 часа, колку што поминаа, немаме никаква информација, дури и не се јавуваат. Ова мислам дека не е во ред“, изјави Џелал Бакију.
Утрово локацијата пред канцеларијата на компанијата Беса транс во Скопје ја обезбедува полицијата. Канцеларијата на компанијата е затворена, а на телефонските броеви на компанијата никој не се јавува.