Неколку милијарди луѓе денеска го слават Божиќ според Грегоријанскиот календар, но прославата е под сенка на пандемијата на коронавирусот втора година по ред, особено поради појавата на новиот сој Омикрон.
Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, денеска ќе служи миса и ќе се обрати на традиционалната божиќна „Порака до градот и светот“ (Urbi et Orbi).
Папата синиоќа служеше миса на Бадник во црквата Свети Петар, додека околу 2.000 верници со маски пред базиликата ја следеа церемонијата на екраните. Тој ги повика верниците повторно да ги „откријат малите радости на животот“ и да бидат понизни.
На мисата, која беше преведена на повеќе јазици, присуствуваа амбасадори и претставници на други христијански цркви. Имаше околу 200 свештеници, бискупи и кардинали, кои исто така носеа маски.
Римокатоличката црква, протестантската црква и англиканската црква, како и некои православни цркви кои го прифатија новото сметање на времето, денеска го слават Божиќ, празникот на Христовото раѓање.
Некои жители на Сиднеј решија Божиќ да го поминат на плажа сончајќи се и уживајќи во водата. Агенциите пренесуваат сцени од луѓе кои уживаат во Божиќ на плажата Бонди во Сиднеј.
📷
📷
📷
📷
📷
📷